„Ја менувам МВП наградата од НБА за светска титула!“

Кошаркарот на Милвоки Бакс и прва ѕвезда на Грција, Јанис Адетокунбо, кој изминатава сезона во НБА беше избран за најкорисен играч во регуларниот дел од сезоната, во пресрет на Светското првенство во кошарка во Кина изјави дека ја менува највредната кошаркарска награда за светската титула со јужниот сосед.

Адетокунбо ќе ја предводи Грција на претстојниот Мундобаксет, на кои неколку европски селекции ќе се обидат да ја прекинат доминацијата на САД, чија репрезентација остана без најголемиот дел од НБА-ѕвездите за овој шампионат.

„Јас ја менувам МВП наградата за злато во Кина. Секогаш чувството да играш за репрезентацијата е посебно. Не може да се опише чувството кога ја слушате химната. Тоа е неверојатно искуство и секогаш се чувствувам горд, како првпат да играм во државниот дрес. Да победиш со репрезентацијата е секогаш неверојатно“, вели црномурестиот кошаркар.

На подготовките со Грција, се и неговите двајца браќа Танасис и Костас.

„Напорно работевме за да дојдеме до тука. Неверојатно е тоа што сите тројца сме заедно“, додава Јанис.

Грција е во групата Ф со Нов Зеланд, Бразил и Црна Гора.