„Го*ното е реално и е меѓу нас, затоа носете ги проклетите маски!“ (ВИДЕО)

Речиси по една година отсуство поради тешката повреда на ногата и пандемијата со коронавирусот, босанскиот интернационалец Јусуф Нуркиќ се врати во дресот на Портланд трејлблејзерс и тоа на фантастичен начин, со изедначување на личниот рекорд.

„Пионерите“ беа подобри во пресметката со Мемфис гризлис (140-135), во која тој постигна 18 поени со девет скока за 33 минути поминати на теренот. По натпреварот, Нуркиќ упати силна порака до јавноста, поврзана со глобалната борба против Ковид-19, откривајќи дека неговата 67-годишна баба е во кома поради коронавирусот.

„Баба ми има Ковид-19 и е во болница во кома. Мислам дека луѓето не сфаќаат дека ова го*но е вистинско и дека е меѓу нас. Ве молам, чувајте се и носете ги проклетите маски на лицата“, изјави Нуркиќ.

Босанецот потенцира дека размислувал да го напушти сигурниот „балон“ во Орландо, каде што се доигрува сезоната во НБА, но решил да остане да му помогне на својот тим со оглед на долгото патување кое би требало да го мине и периодот на изолација по враќањето.