Голден Стејт сигурен на стартот на плејофот, останатите фаворити киксираа

Синоќа стартуваше разигрувањето за титулата во НБА-лигата и беа одиграни четири натпревари. 

Актуелниот првак Голден Стејт одбраната на титулата ја почна со триумф на домашен паркет од 121-104 против Лос Анџелес клиперс и поведе со 1-0. Стеф Кари ги предводеше Вориорс со 38 поени, 15 скока и 7 асистенции, додека Кевин Дурент постигна 23 поени. Кари постигна осум тројки со што постави нов рекорд на реализирани тројки во плејофот, минувајќи го Реј Ален. 

На вториот натпревар на Западот, Сан Антонио направи брејк на гостувањето кај Денвер, кој заврши како втор во регуларниот дел од сезоната и славеше со 101-96. Демар Дерозан со 18 поени и 12 скока беше лидер во таборот на Спарс, додека кај Нагетс најефикасен беше Гери Херис со 20 поени, а Никола Јокиќ имаше трипл-дабл од 10 поени, 14 скока и исто толку асистенции.

Во Источната конференција победија гостите. Орландо го шокираше Торонто на гостински паркет со 104-101, додека Филаделфија исто така киксираше пред своите навивачи и загуби од Бруклин со 111-102.