Газдата на Далас бара: Годинешниот плејоф во НБА да биде поинаков и со 20 екипи!

Газдата на Далас Маверикс, Марк Кубан побара во плејофот во НБА-лигата оваа сезона да учествуваат 20 екипи, наместо досегашните 16 и барем пет до седум меча од регуланиот дел од сезоната исто така да се доиграат.

НБА во моментов ги прави плановите како да се заврши прекинатата сезона поради пандемијата со коронавирус, а најверојатно целата лига ќе се пресели на Флорида во Дизниленд. Преговорите се во полн ек, но се чекаат здравствените власти за начинот на кој ќе се заштитат кошаркарите и Ковид-19 да не влезе повторно во кошаркарската елита, откако на почеток на епидемијата имаше неколкумина што беа позитивни на новиот вирус.

Кубан го изнел својот план водејќи се и од економските ефекти, па според договорите со телевизиите, сезона за целосна во регуларен дел ќе се смета за секоја екипа што ќе одигра најмалку 70 мечеви, па поради тоа предлогот е да се одиграат пет до седум рунди во регуларниот дел за екипи како Голден Стејт и Минесота секако да заработат пари, зашто до прекинот имаа 63 и 67 меча. Бидејќи плејофот секако нема да го играат, ова е шанса за полна заработка од ТВ-права.

Проширувањето на плејофот, пак, би донел поголема возбуда, но и шанса за клубовите малку повеќе да се забавуваат, а на телевизија да има уште повеќе мечеви. Според Кубан, направил план за скалест плејоф, па екипите не би се рангирале по конференции, туку според севкупниот учинок и би се почнало, најслабите четири прво да играат меѓусебе во една или две добиени. Потоа победниците да вксртат со 15-то и 16-то пласираните во три добиени, а потоа победниците од овие два двомечи да се приклучат кон плејофот со 14 екипи во формат со четири победи.

„Вака ќе имаме повеќе мечеви, ќе има поголема возбуда, повеќе неизвесност, многу повеќе важни пресметки. Ова на секој тим му дава шанса да се врати и да одигра поголем број на мечеви, за да направи нешто повеќе, нешто поинтересно. Мора нешто да смениме, а јас сум човек што сака да експериментира. Не може постојано да одиме по проверен пат“, вели Кубан.