Драматично е во НБА: Атланта и ЛА Клиперс со нови победи се вратија во живот (ВИДЕО)

Кошаркарите на Атланта хокс и на ЛА Клиперс остануваат во игра за пласман во финалето од Источната односно Западната конференција, откако ноќеска изедначија во полуфиналните плејоф-серии (2-2) против Филаделфија севентисиксерс (103-100) односно Јута џез (118-104).

„Јастребите“ одиграа фантастично второ полувреме во кое направија огромен пресврт и се вратија по негативата од 18 поени (42-60), која ја имаа во финишот од втората четвртина. Домаќинот во третиот период полека ја „топеше“ предноста на ривалот, додека во последните десет минути се играше буквално кош за кош, но Атланта во последните пет минути го потврди триумфот. Најзаслужни за тоа беа Тре Јанг со 25 поени и дури 18 асистенции и Богдан Богдановиќ со 22 поени. Кај гостите најпрецизен беше Харис со 20 поени, а потфрли Џоел Ембид, кој застана на, за него скромни, 17 поени со дури 21 скок.

Сосема различен беше дуелот во Лос Анџелес, каде што „клиперси“ сите дилеми ги решија уште во првата четвртина,која ја добија со 30-13. Сето потоа беше само рутинско одработување на задачата, без воопшто да му се даде шанса на противникот. Пол Џорџ и Каваи Ленард со по 31 поен беа најпрецизни кај домаќинот, додека Донован Мичел постигна 37 поени за „џезерите“.

Идентична ситуација како во овие две и во серијата помеѓу Милвоки бакс и Бруклин нетс (2-2), додека Феникс санс веќе ја заврши задачата против Денвер нагетс и тоа со „метла“ (4-0).