Дончиќ не е од оваа планета: Словенецот со нов трипл-дабл доби прекар – Супермен (ВИДЕО)

Словенечкото чудо од дете, Лука Дончиќ, продолжува да ги воодушевува вљубениците во кошарката, откако ноќеска, во дуелот на Далас маверикс против Милвоки бакс (136-132 по екстра пет минути) прикажа уште една магична партија со трипл-дабл ефект, негов 17. во досегашниот дел од НБА-сезоната.

Тој средбата ја заврши со 36 поени, 19 асистенции и 14 скока, поради што за него веќе почнаа да велат дека не е од оваа планета односно дека е Супермен. Неговиот ритам не можеше да го следи ниту еден од кандидатите за МВП-играч на сезоната, Јанис Антетокумпо, кој реализира 34 поени со 13 скока.

Неизвесно беше на мечот помеѓу Денвер нагетс и Јута џез (134-132), каде исто така се играше продолжение. Никола Јокиќ беше најдобар кај победниците со 30 поени и 11 скока.

Во преостанатите два меча од ноќешната програма во НБА, Инијана го совлада ЛА Лејкерс (116-111), а Феникс беше подобар од Мајами (119-112).