Дончиќ еуфоричен по победата над Јокиќ: Дојдов во Лејкерс за да ја освојам титулата (ВИДЕО)

Лука Дончиќ блесна во ноќешниот триумф на ЛА Лејкерс против Денвер, постигнувајќи 32 поени, 10 скокови и 7 асистенции, а неговата одлична партија беше клучна за прекинување на серијата од девет последователни победи на Никола Јокиќ и Нагетс.

Ова беше најдобриот настап на словенечкиот ас откако пред три недели пристигна од Далас. Очигледно, Дончиќ конечно се привикна на промената. По натпреварот, тој зборуваше за адаптацијата во новата средина.

„Тешки и поинакви три недели. Но, среќен сум што играм кошарка и секој ден ќе биде сè подобро. Ми се допаѓа што сум тука, а играњето со овие момци е одлично“, изјави Дончиќ.

Посебно се осврна на соработката со Леброн Џејмс.

„Имаме уште многу простор за напредок. Ова ми беше само четврти меч во Лејкерс, а хемијата се гради со време. Но, веќе се гледа напредок и ќе станува уште подобро“, дополни Словенецот.

Најголем акцент стави на амбициите на тимот.

„Нашата цел… Не, не мислам, знам дека нашата цел е титулата. Тоа е единствената цел. Имаме тим за тоа, за тоа и дојдов тука“, решително порача Дончиќ.

РЕЗУЛТАТИ: Чикаго – Феникс 117-121, Филаделфија – Бруклин 103-105, Денвер – ЛА Лејкерс 100-123, Јута – Хјустон 124-115, Портланд – Шарлот 141-88.