Додека „езерџиите“ се тепаа меѓу себе, Крис Пол влезе во историјата на НБА (ВИДЕО)

Мечот помеѓу ЛА Лејкерс и Феникс санс (105-115) најмногу ќе се памети по скандалозното кошкање помеѓу Ентони Дејвис и Двајт Хауард на клупата на „езерџиите“, иако на тој меч кошаркарот на „сонцата“ Крис Пол постави уникатно остварување и влезе во историјата на НБА-лигата.

Плејмејкерот средбата ја заврши со 23 поени и 14 асистенции, со што ја мина границата од 20.000 поени во кариерата и стана единствен во најсилното кошаркарско натпреварување во светот што ја надминал оваа бројка, а истовремено имал и повеќе од 10.000 асистенции. Пол беше лидерот на Феникс во меч во кој во третиот период водеше и со 32 поени разлика, што беше и една од причините за тепачката на клупата на „езерџиите“, кај коо Леброн Џејмс постигна 25, а Расел Вестбрук 15 поени, 11 скока и девет асистенции.

„Неочекувано“ до втора победа по ред дојдоа кошаркарите на Њујорк никс, кои како гости го совладаа Орландо меџик (121-96). Драматично, пак, беше на средбата помеѓу Индијана пејсерс и Вашингтон визардс (134-135) на која се играше едно продолжение.

РЕЗУЛТАТИ: Кливленд-Шарлот 112-123, Орландо-Њујорк 96-121, Вашингтон-Индијана 135-134, Бостон-Торонто 83-115, Филаделфија-Бруклин 109-114, Чикаго-Њу Орлеанс 128-112, Хјустон-Оклахома 124-91, Денвер-С. Антонио 102-96, ЛА Лејкерс-Феникс 105-115, Сакраменто-Јута 101-110.