Бројот со кој играше Перо Антиќ повеќе нема да се носи во НБА!

Од следната сезона во НБА ниту еден кошаркар нема да настапува во дрес со бројот шест, со кој играше и нашиот Перо Антиќ во своите две сезони во Атланта хокс, реши раководството на најсилната кошаркарската лига во светот.

Ова е во чест на неодамна починатиот Бил Расел, една најголемите легенди во американската и светска кошарка и убедливо најтрофеен играч во историјата на НБА со 11 шампионски прстени. Тој одигра 13 сезони во дресот на Бостон селтикс во периодот на најголемата доминација на еден клуб во оваа лига, а потоа беше и тренер на оваа екипа. Почина на 31 јули на 88 годишна возраст.

Кошаркарите кои во моментов настапуваат со овој број на дресот, меѓу кои е и Леброн Џејмс, нема да мора да менуваат туку може да продолжат да играат се до крајот на кариерата. Но, ниту еден нов играч нема да може да ја задолжи шестката, што значи дека по одреден број години нема да има ниту еден кошаркар со оваа бројка на својата опрема.