Богдановиќ со триумф над првакот го прослави новиот договор од – 68 милиони долари (ВИДЕО)

Кошаркарите на Атланта хокс го направија најголемото изненадување во ноќешните средби во НБА, откако на домашен терен го совладаа актуелниот првак Голден стејт вориорс (127-119).

Тоа беше прв меч за српскиот интернационалец Богдан Богдановиќ по потпишувањето на новиот четиригодишен договор вреден 68 милиони долари, кој го прослави со одлична игра. Бекот на „јастребите“ средбата ја заврши со 14 поени (четири тројки) за 25 минути поминати на паркетот. Најефикасен во неговиот тим беше Тре Јанг со 25 поени и 12 асистенции, додека Стеф Кари уште еднаш залудно беше најдобар кај „воините“ постигнувајќи 31 поен. Атланта во моментов е осма на Истокот со скор 35-35, додека Г. Стејт со десеттиот пораз по ред на гости падна на седмата позиција на Западот со учинок 36-35.

Одличната игра на Никола Вучевиќ беше една од причините за триумфот на Чикаго булс во пресметката со Минесота тимбервулфс (139-131) по едно продолжение. Црногорскиот репрезентативец средбата ја заврши со 22 поени и 11 скока, додека пред него беа Демар Дерозан со 49 поени и 14 скока и Зек Лавин со 39 поени. Конли со 28 поени беше најпрецизен кај „волците“.

Во дербито во Лос Анџелес, екипата на Далас минимално го совлада домашниот тим на Лејкерс (111-110) во меч во кој не настапија најголемите ѕвезди во двата тима, Лука Дончиќ и Леброн Џејмс. Во нивно отсуство најдобри беа Кајри Ирвинг со 38 поени и Ентони Дејвис со 26 поени со 10 скока.

РЕЗУЛТАТИ: Шарлот-Филаделфија 82-121, Атланта-Г. Стејт 127-119, Кливленд-Вашингтон 117-94, Чикаго-Минесота 139-131 (п), Хјустон-Њу Орлеанс 114-112, С. Антонио-Мемфис 120-126 (п), Портланд-Бостон 112-126, ЛА Лејкерс-Далас 110-111.