„Со толку промашени зицери не се победуваат јуниори, а не пак тим како Калев“

Разочараноста кај тренерот на Карпош Соколи, Борче Даскаловски, по денешниот пораз од Калев беше огромна, што можеше најдобро да се заклучи по викањето на цел глас по играчите, од што ечеше цела сала по завршувањето на дуелот.

Во ист стил стратегот на „соколите“ продолжи и на прес-конференцијата каде што ги детектира проблемите во својот тим, но и најави борба и на задутрешниот реванш во Талин.

„Плативме данок на неискуство. Средбата би ја поделил во два дела, почетокот во кој нашите клучни играчи не беа на висина на задачата, но другите покажаа дека тимската игра е пред сѐ и над сѐ и финишот во кој направивме сѐ како што не треба. Добро се држевме до крајот на третата червртина, кога за само 90 секунди загубивме предност од девет поени. Одеднаш се исклучивме, за што е причина неискуство бидејќи поголем дел од играчите првпат играат вака голем натпревар. Разочаран сум од односот на поедини играчи, но тоа ќе го средиме внатрешно. Дарко Соколов два дена беше надвор од тренажен процес поради температура, што е фактор кој значеше во нашата игра, бидејќи ни недостасуваше во ротацијата. Они ја сменија одбраната, почнаа да преземаат што лесно го прочитавме, но нашите центри промашија многу чисти ситуации под кошот. Со толку промашени зицери не може да се победат јуниори, а не пак Калев. Ништо не е изгубени, во Талин одиме да изненадиме. Само ни треба да се промени односот на поединци“, изјави Даскаловски.

„Соколите“ во два наврати водеа со по девет поени, но последниот период го загубија со 17-29 што беше клучно да го загубат мечот.