
Шведска го одигра најдобриот натпревар на Евробаскетот и ја намачи Литванија
Литванците со овој триумф стигнаа до учинок од 4-1 во групната фаза што најверојатно ќе им биде доволно за второто место во оваа група, додека Шведска уште претходно по поразот на Црна Гора од Велика Британија дозна дека помеѓу најдобрите 16 ќе продолжи како четвртопласирана.
Швеѓаните денеска го одиграа еден од своите најдобри натпревари на Евробаскетот и се до средината на третата четвртина имаа резултатска предност.
Тогаш Литванија успеа да направи пресврт, но мотивираната Шведска не се предаваше до посследниот момент. На 13 секунди до крајот Литванците поведоа со 74-71, меѓутоа Шведска имаше напад кој можеше да донесе продолженија, сепак не го искористи.
Најдобар кај Литванија беше Јонас Валанчиунас со 18 поени и девет скокови, додека кај Шведска се издвои Ларсон со 18 поени и пет скокови.
Треба да се потсети дека во овој натпревар Литванија беше без повредениот Рокас Јакубалитис.
Фото. FIBA