Шортс блескаше, ама Димитријевиќ ја оствари првата евролигашка победа во кариерата

Екипата на Олимпија Милано е победник во „македонското“ дерби од Евролигата откако во драматичен натпревар го победи Париз со 79-74.

Во двете екипи имаше по еден македонски репрезентативец, за Олимпија настапи Ненад Димитријевиќ, а за Париз - Ти Џеј Шортс. Двајцата поминаа преку 25 минути на теренот, францускиот вицешампион беше блиску до триумф, но на крајот се радуваа Олимпија Милано и Димитријевиќ кому ова му е прва евролигашка победа во кариерата.

Париз го диктираше темпото до околу три минути пред крајот на мечот, водеше и со осум поени разлика во последната четвртина (71-63), но на крајот потклекна, слично како пред една недела против Црвена Звезда на домашен терен. Во клучните моменти блесна Шевон Шилдс, додека Шортс не доби помош од соиграчите и со серија од 16-3 Олимпија Милано дојде до триумфот.

Шортс беше убедливо најдобар играч во својот тим со 17 поени, 8 асистенции и 4 скока. Димитријевиќ постигна девет поени, сите од тројки, а оствари уште три скока, додека Шилдс го заврши мечот со 21 поен.

РЕЗУЛТАТИ:
Олимпијакос - Жалгирис 74-68
Барселона - Алба 88-73
Олимпија Милано - Париз 79-74