Се огласи Мијаловиќ: Војната го одложи натпреварот на Партизан

Војната меѓу Израел и Иран како што стојат работите ќе донесе проблеми и во спортот, а најмногу во Евролигата.

Претседателот на Партизан, Остоја Мијаловиќ, денеска потврди дека натпреварот на „црно-белите“ против Дубаи ќе биде одложен.

Средбата требаше да се игра во четврток во Белград, но јасно е дека тимот од Дубаи нема да може да пристигне до српската престолнина.

Според информациите на Мијаловиќ, во Дубаи се наоѓаат 14 играчи од Евролигата, како и тренерот на Фенербахче, Шарунас Јасикевичијус. Кога е Партизан во прашање таму на одмор отпатувале: Дилан Осетковски, Двејн Вашингтон и Шејк Милтон.

„Нашите тројца кошаркари заминаа на одмор во Дубаи, како и многу луѓе кои во последните 10-15 години го гледаат Дубаи како врвна дестинација за одмор и забава. Тоа е нивно право, не можат да добиваат препораки каде да одат, а каде не“ – започна Мијаловиќ, објаснувајќи ја актуелната ситуација.

„Во овој момент, според нашите информации, во Дубаи се наоѓаат 14 играчи од Евролигата и еден тренер, Шарунас Јасикевичијус. Нашите тројца кошаркари се во постојан контакт со луѓето од клубот. Безбедносно се сигурни, сакам да се заблагодарам на Дубаи што им овозможи да тренираат додека се таму. Тие нема да летаат за Белград ниту денес ниту утре, така што натпреварот против Дубаи сигурно ќе биде одложен“, потврди претседателот на Партизан.