Русија остана без настап на ЛОИ со кошаркарската репрезентација

Русија остана без настап на Летните Олимписки игри во Токио за три недели, откако после поразот во првото коло од Мексико, денеска Германија ја победи „зборнаја“ со 69-67 и со тоа им го скрати сонот на кошаркарите од најголемата држава на светот за да играат на најголемиот спортски настан.

Имаше Русија шут за победа при водство на германците од 68-67, но положувањето го промаши Мотовилов на две секунди пред крајот, а Фојтман откако ја фати топката беше фаулиран, по што едно слободно фрлање погоди, а едно промаши за да истече времето и со тоа Германија да обезбеди полуфинале на квалификацискиот турнир во Сплит.

Фојтман даде 13 поени, Вагнер погоди 12, а Саибу и Гифај по 11 за Германија, додека само Воронцевич беше во елемент кај Русите со 17 поени и немаше поддршка од своите соиграчи.

Германија сега го чека победникот од мечот Хрватска – Тунис за противник во полуфиналето.

Словенија откако ја растури Ангола со 50 поени разлика, без мака славеше и против Полска со 112-77 за полуфинале, во меч на кој лука Дончиќ даде 18 поени за 22 минути со десет асистенции и шест скока. „Змајчеките“ најверојатно во полуфинале ќе играат против Венецуела.