Почнува најспектакуларното ЕП досега – Јокиќ и другарите главни фаворити за златото!

Главниот спортски настан за ова лето почнува денеска и ќе трае до 14 септември. Во овој период, во Кипар, Финска, Летонија и Полска ќе се одржи 42. Европско кошаркарско првенство во машка конкуренција, најспектакуларно досега и со голем број мега-ѕвезди во овој спорт.

Репрезентациите се поделени во четири групи, а во нокаут фазата ќе се пласираат најдобрите четири од секоја група. Уште во првиот дел претстојат неколку спектакуларни пресметки кои ќе им приредат задоволство на љубителите на кошарката, но и можат да го детерминираат натамошниот дел од шампионатот.

Според сите релевантни прогнози, па и онаа на ФИБА, главен фаворит за шампионската титула е репрезентацијата на Србија. Нашиот северен сосед нема трофеј од големи натпреварувања од осамостојувањето во 2006 година, а последниот успех датира од 2002 година кога под името СР Југославија, во заедница со Црна Гора триумфираше на Светското првенство во Индијанаполис. Кога станува збор за континенталните шампионати, последната титула е од 2001 година, под истото име, а интересно е тоа што и тогаш на клупата беше сегашниот селектор Светислав Пешиќ. Србите го имаат можеби најдобриот светски кошаркар во моментов Никола Јокиќ и безмалку истиот тим кој лани на Олимписките игри покажа дека има квалитет да биде водечка светска кошаркарска сила. Екипата е добро покриена на секоја позиција, а селекторот Светислав Пешиќ беше на слатки маки при изборот на кошаркарите кои ќе настапат на првенството. Србија е и во една од најлесните групи, во Рига каде не би требало да има проблем при освојувањето на првото место.

 

 

Главни конкуренти на Србите треба да им бидат светскиот првак Германија која ќе ја брка првата континентална титула по пауза од 32 години и актуелниот олимпицки вицешампион Франција која за време на подготовките покажа дека и подмладена ќе има што да каже на првенството имајќи предвид дека оствари победи на сите пет натпревари. Од сенка својата шанса ќе ја чекаат Литванија, Турција и Грција, а интересно е тоа што никој не го спомнува бранителот на титулата Шпанија кој исто така драстично ја подмлади екипата и направи тим за иднината.

Без сомнение, најголеми ѕвезди на Еуробаскетот ќе бидат Никола Јокиќ, Јанис Адетокумпо и Лука Дончиќ. Првите двајца заедно имаат пет МВП титули, а Словенецот беше најдобар стрелец во НБА лигата во 2024 година. Покрај нив, многу се очекува од Лаури Марканен, Денис Шредер, Алперен Шенѓун итн. 

Дуелите од групната фаза ќе се играат во Лимасол, Тампере, Катовице и Рига, а нокаут делот е на програмата во главниот град на Летонија.