Барселона во огромен проблем - нема каде да игра против Валенсија

На 20-тина дена пред дуелот против Валенсија, Барселона се наоѓа пред голем предизвик да најде стадион каде што ќе го пречека својот голем ривал.

Не е исклучено клубот да добие дозвола од УЕФА, на Камп Ноу да ги игра своите натпревари од Лигата на шампионите, конечната одлука треба да биде донесена утре, но многу пред тоа треба да се сретне со Валенсија. УЕФА, наводно, дала можност Барса да гостува во првото коло од ЛШ, а второто се игра дури 30 септември и 1 октомври што е доволно да се средат многу работи на стадионот.

Сепак, за мечот со Валенсија, Барселона има огромен проблем. Не постојат речиси никакави шанси до 13 септември стадионот да биде подготвен, Монжуик отпаѓа бидејќи ден претходно таму има концерт, во меѓувреме, раководството на клубот се обиде да преговара со Жирона за отстапување на Монтиливи, но и тоа отпадна, а Ла Лига одби да го смени распоредот и мечот меѓу Барселона и Валенсија да се игра на Местаља.

Последната опција е вториот стадион „Јохан Кројф“, но и тука има голем проблем. Тој е со капацитет од 6.000 места, а според правилата на Ла Лига, минимумот е 15 илјади. Раководството на Барса се обидува да ги убеди челниците на Ла Лига дека се работи за само еден натпревар, но никој со сигурност не може да гарантира дека нема да се појави нов проблем во текот на сезоната.