Литванците тргнаа убедливо, Британците немоќни на стартот од Евробаскетот

Во првиот меч одигран на Европското кошаркарско првенство, Литванија со убедливи 94-70 очекувано ја совлада селекцијата на Велика Британија која успеа да се носи со фаворитот во голем дел од натпреварот.

Литванците влегоа како голем фаворит во овој меч и се освен нивна победа ќе беше сензација. Британците се обидоа да се надигруваат, пружија отпор и беа во мечот во поголем дел од него, но на крајот загубија убедливо со 24 поени разлика.

Британија имаше убав влез во мечот, поведе со 5-0 на стартот, но работите брзо дојдоа на место. Следуваше серија од 6-0 за Литванија со која го свртеа резултатот во својата полза и не го пуштија до крајот на натпреварот.

Првата четвртина заврши со предност за Литванија од 23-15. Вториот период беше поентерски рамноправен, па предноста од осум разлика беше таа која остана на полувремето, фаворитот водеше со 41-33.

Во вториот дел Литванија имаше тотална контрола на мечот, ја зголемуваше предноста и не му дозволуваше на противникот да се понадева на чудо. Конечниот резултат беше 94-70.

Клучна се покажа скок играта каде што Литванците доминираа, имаа 57 скокови, Британците беа инфериорни под обрачите со 26 скокови помалку.

Најефикасен во составот на Литванија беше Валанчиунас со 18 поени, Седекерскис постигна 17. Кај Велика Британија најдобар беше Јебоа со 17 поени.