Херојот од Охрид ќе плива, трча и вози велосипед да докаже дека има - подобро утре!

Марко Пејчиновски од Охрид го најави својот нов предизвик, тој ќе направи еден модифициран „Ајронмен“ триатлон со вкупна должина од 107 километри.

Пејчиновски ќе трча од Св. Наум до Струга, потоа од таму со велосипед ќе се врати во Св. Наум од каде ќе плива до Охрид.

Целта со овој предизвик е да ги инспирира луѓето, да покаже дека има подобро утре бидејќи и тој пред една година бил во тешка психолошка ситуација.

„Здраво на сите. По месеци напорни тренинзи, по многу падови, повреди и искушенија – конечно дојде моментот за мојот модифициран Ironman триатлон. За тие што сè уште не знаат што ќе правам, вечерва на 28.08 со почеток од Св. Наум ќе трчам до Струга, потоа со велосипед од Струга ќе се вратам во Св. Наум и за крај со пливање ќе се упатам кон Охрид за вкупна бројка од 107 километри.

Можеби се прашувате зошто го правам ова? Целта е потрага по желба за живот. Пред 1 година бев загубен по патот на животот, како и многу други. Со ова сакам да им покажам и да ги инспирирам дека има подобро утре. Со вера во Бога и упорност ќе успеете.

Сакам да изразам благодарност до сите вам кои ми ја давате вашата безрезервна поддршка. Целиот триатлон ќе биде документиран на моите социјални мрежи, и затоа заследете ме, споделете го ова видео и се надевам дека ќе ве видам во што поголем број на целта“, вели Марко Пејчиновски.