Пешиќ и Димитријевиќ ја шокираа Звезда во Белград

Иако е речиси отпишан од борбата за пласман во доигрувањето, Баерн денеска ја шокира Црвена Звезда и во Белград ја совлада со 85-80.

Белградскиот тим, а и неговите навивачи веќе запишаа победа од овој меч, но пресметките не излегоа на теренот. Баерн, предводен од поранешниот тренер на Звезда, Светислав Пешиќ одигра одлично прво полувреме во кое водеше и со 16 поени разлика (36-20).

Домаќините се консолидираа во вториот дел, не само што ја достигнаа негативата, туку и го презедоа водството кое во последниот период изнесуваше и три разлика, но потклекнаа во финишот. Баерн го заврши мечот со серија од 10-2 и на тој начин го скрши отпорот на противникот.

Македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ беше извонреден во тоа прво полувреме и во него ги постигна сите свои 11 поени. Додаде уште по четири скока и асистенции во новата победа на неговиот тим во Евролигата.