Пари, пари: Српска легенда ги „примора“ најдобрите европски клубови да играат во Абу Даби!

Финалниот турнир на Евролигата и официјално ќе се одржи во Абу Даби (23 до 25 мај) објавено е на официјалниот сајт на натпреварувањето, што ќе биде втора пресметка на најдобрите клубови од Стариот континент надвор од Европа (по Тел Авив).

Оваа вест беше соопштена на настан во Абу Даби на кој присуствуваа челниците на Евролигата, извршниот директор Паулиус Мотијунас и претседателот Дејан Бодирога, како и Сауд Ал-Хосани, потсекретар во локалниот оддел за култура и туризам. Настанот беше дополнително збогатен со присуството на легендарни кошаркарски имиња како Владе Дивац, Дино Раѓа, Тони Кукоч, Тео Папалукас и Руди Фернандез.

„Благодарност до Абу Даби што ја покажа својата доверба во Евролигата. Организирањето на финалниот турнир е амбициозен проект и можност да ја претставиме атмосферата на Евролигата на нова публика. Во исто време, нашето партнерство гарантира свежо искуство за нашите верни навивачи во еден од најмодерните и туристички ориентирани градови во светот. Заедно ќе организираме врвен спортски настан кој ќе ја крене Евролигата на ново ниво“, изјави Бодирога.

Претставниците на Абу Даби го истакнаа градот како центар за кошарка на Блискиот Исток, ветувајќи спектакуларно искуство за фановите во „Итихад арената“.

„Со нетрпение очекуваме Евролигата да привлече нова публика во Абу Даби. Ова е можност да покажеме дека градот е подготвен за организација на спортски настани од највисок ранг,“ изјави Сауд Ал-Хосани.

Финалниот турнир ќе започне на 23 мај (петок) со две полуфинални средби, првиот натпревар од 19 часот, додека вториот ќе започне во 22 часот по локално време. Борбата за третото место ќе се одржи два дена подоцна (25 мај) од 18 часот, а финалниот натпревар ќе се одигра истиот ден од 21 часот. „Итихад арената“, која има капацитет од 12.000 гледачи, беше отворена во 2021 година и досега беше домаќин на големи настани како УФЦ и НБА спектакли.