Кошаркарите на ТФТ по само една средба го завршија настапот во Лигата на шампионите (ЛШ) на ФИБА, откако вечерва, во вториот четвртфинален квалификациски дуел на турнирот чиј домаќин се во салата „Борис Трајковски“, загубија од германски Кемниц (77-96).

Македонскиот куп-победник беше сметан за голем аутсајдер пред дуелот со бундеслигашот, што се покажа како оправдана проценка на силите на двата противника, со оглед што гостите доминираа од првата до последната минута од мечот. Составот во кој еден од помошниците е и нашиот Ѓорѓи Кочов уште во првата четвртина дојде до двоцифрена позитива (24-14), која умешно ја задржаа до самиот крај. Популарната „Тафта“ даде се од себе, но разликата во квалитет беше очигледна.

Лахлан Андресон со 27 поени (7/14 за тројка) беше убедливо најдобар кај ТФТ, додека Трент Батрик и Страхил Николов постигнаа по 11 поени. Марко Филиповити со 26 поени беше најпрецизен кај Кемниц.

Македонскиот тим со самиот настап во квалификациите за ЛШ доби право за настап во групната фаза во ФИБА Еврокупот, но најверојатно нема да го искористи со оглед што термините се совпаѓаат со настапите во АБА2-лигата, каде што зонава ќе дебитира.