Обрадовиќ спречил тепачка меѓу кошаркар на ПАО и навивач на Ц. Звезда (ВИДЕО)

Францускиот кошаркар, Матијас Лесор, се најде во фокусот на јавноста по вчерашното гостување на неговиот Панатинаикос кај Црвена Звезда, иако се уште се опоравува од тешката повреда здобиена уште лани и не беше дел од ростерот на грчкиот тим.

На самиот почеток на натпреварот, Лесор одговори со непримерен гест на навредите кои ги доби од дел од домашните навивачи. За време на мечот немаше сериозни навреди упатени кон него, но по последниот свиреж ситуацијата кратко се вжешти.

Лесор, по краткиот поздрав со Чима Монеки, се упати кон тунелот, кога дојде до вербална расправија со лице кое го снимаше со мобилен телефон, по што се забележа и обид за физички контакт. Лесор очигледно сакаше да продолжи со пресметка, но брзо реагираа тренерот на Црвена звезда, Саша Обрадовиќ и спортскиот директор Небојша Илиќ. Тие го оддалечија кошаркарот и спречија ситуацијата да прерасне во сериозен инцидент. Видеото од потенцијалната тепачка погледнете го ТУКА.

Црвена звезда на мечот доминираше од почеток до крај и дојде до седмата последователна победа. Тимот сега се наоѓа на првото место на табелата со биланс од седум победи и два порази.