Навивач на Партизан избркан од салата поради транспарент против Вучиќ!

Кошаркарите на Партизан синоќа го совладаа Фенербахче (90-81) во меч од 18. коло од Евролигата, во натпреварот кој беше обележан и со инцидент кој го привлече вниманието на јавноста.

Во текот на протестите на студентите против власта во Србија и против нејзиниот претседател Александар Вучиќ, како и во борбата за откривање на вистината за смртта на 15 лица во Нови Сад, навивачите почнаа сè почесто да користат натпреварите како платформа за пренесување на своите пораки. На овој натпревар, покрај вообичаените извици и навреди упатени кон Вучиќ, еден навивач донесе транспарент со порака: „Студенти in, Вучиќ out“, дополнета со симболи на крвави раце – симбол кој стана знак на борбата за вистина и правда.

Обезбедувањето на арената брзо реагираше откако транспарентот беше подигнат. Тие му пријдоа на навивачот, по што следеше кратка расправија, и на крајот го отстранија од салата.