Македонскиот репрезентативец во немилост на Атаман: Разочаран сум од Шортс

Панатинаикос е далеку од посакуваната форма во овој момент, има проблеми и со повреди и се наоѓа на осмата позиција на табелата во Евролигата, со можност денеска и утре дополнително да го влоши својот пласман.

За сето тоа, тренерот Ергин Атаман најде виновник во македонскиот репрезентативец Ти Џеј Шортс кој летово го засили европскиот шампион од 2024 година. На прес-конференцијата по дебаклот од Црвена Звезда, Атаман конкретно посочи дека не е задоволен од играта на Шортс кој, сепак, во Панатинаикос ја нема слободата што ја имаше во Париз.

„Засега, 90% сум незадоволен од игрите на Шортс и разочаран сум од него. Можеби е негова грешка, можеби наша, но нема ништо од позајмица како што пишуваат некои медиуми во последно време. Немам никаков сомнеж во Кендрик Нан и не сум загрижен за неговата форма“, рече Атаман.

Во досегашниот дел од сезоната Шортс има ефект од 6,1 поен, 2,7 асистенции и 0,8 скока, далеку од бројките што ги остваруваше во Париз.