Македонски бисер: Наумоски избран меѓу стоте најдобри во историјата на Евролигата!

Паузата поради пандемијата со коронавирусот, луѓето кои ја предводат Евролигата ја искористија да ги изберат стоте најдобри кошаркари во историјата на ова најдобро клупско натпреварување на Стариот континент, меѓу кои е и еден Македонец – Петар Наумоски.

Со наслов „Македонскиот бисер“, денеска е објавен текст за нашиот најдобар кошаркар на 20 век, за неговата кариера, но и размислувања на Владимир Станковиќ, авторот на книгата „101 големци на европската кошарка“ како и на еден од најдобрите европски тренери на сите времиња, Божидар Маљковиќ, кој како тинејџер го зема во Југопластика и му овозможи да освои две европски шампионски круни.

„Ако некој ме праша кој е најдобар македонски кошаркар на сите времиња, на кратко би се двоумел помеѓу Благоја Георгиевски и Петар Наумоски, но на крај би го избрал Пеце и тоа поради неговиот меѓународен успех и дури 24 освоени трофеи во поранешна СФР Југославија, Италија и Турција“, вели авторот на текстот на сајтот на Евролигата.

Во текстот се говори за почетоците на кариерата на Наумоски, неговиот престој во Сплит каде што тренираше и по осум часа на ден иако знаеше дека воопшто нема да игра, како и фантастичната сезона во Работнички (1991/92) и трансферот во Ефес Пилсен. Се објаснува и неговиот блесок во Бенетон, како и дебитантскиот настап на Македонија на ЕП 1999 во Франција, за што тој беше апсолутно најзаслужен.

Целиот текст на „македонскиот бисер“ може да го прочитате на следниот линк.