Еуфорија во Арена: Ц. Звезда со перфектно второ полувреме го растури Анадолу Ефес!

Кошаркарите на Црвена Звезда дојдоа до четвртата победа сезонава во Евролигата, откако вечерва, на домашен терен, убедливо го совладаа Анадолу Ефес (97-83), во меч во кој второто полувреме го одиграа речиси перфектно.

Турците беа подобар ривал во првите две четвртини, а пред крајот на полувремето дојдоа и до највисоки плус девет (49-40). Но, црвено-белите пеколно го почнаа третиот период и со серија 13-2 направија целосен пресврт, дојдоа до водството кое потоа не го пропуштија до самиот крај. Лидер на белграѓани беше Немања Недовиќ, кој ја одигра можеби најдобрата партија сезонава. Бекот на домашниот тим беше најефикасен со 23 поени, додека Шејн ларкин со 21 поен беше најпрецизен кај гостите од Истанбул.

Во вториот вечерашен меч, Барселона малку потешко од очекувањата го доби Асвел (101-92) и го задржа второто место со учинок 9-2. Ц. Звезда останува на 16. место на табелата со скор 4-7, додека Анадолу Ефес е две места погоре со една победа повеќе. Колку е изедначена сезонава Евролигата покажува фактот што разликата помеѓу петтопласираниот Панатинаикос и црвено-белите од Белград е само во две победи.