Екс-кошаркари на МЗТ и на Соколи најдобри во шпанскиот и полскиот Куп!

Македонските клубови постојано се критикувани дека носат аматери од странство кои немаат никаква вредност во европската и светска кошарка, но реалноста е малку поинаква.

Има бројни примери на кошаркари кои од Македонија се преселиле во силни лиги во Европа, поранешен кошаркар на МЗТ Скопје заигра во НБА лигата, некои од оние кои играа во земјава се носители на играта во АБА екипи, а интересен пример а вредноста на кошаркарите кои настапува во нашата лига стигна синоќа. Двајца поранешни кошаркари на македонски клубови освоија МВП признанија во куп-натпреварувањата во земјите во кои играат. Екс играчот на Карпош Соколи, Кендрик Пери втора година по ред е освојувач на шпанскиот куп со Уникаха и втора година по ред е МВП на завршниот турнир. Нему му се придружи некогашниот играч на МЗТ Скопје, Тодрик Гочер кој е прогласен за МВП на полскиот куп откако вечерва му го донесе првиот трофеј на Горник Валбжих во клупската историја.

Уникаха го совлада големиот Реал со 93-79 во финалето од Купот на Шпанија, а Пери постигна 27 поени, 6 асистенции и 2 скока. Горник Валбжих во мечот за трофејот го совлада Шчечин со 80-78, а кошот за победа го постигна токму Гочер кој го заврши натпреварот со 24 поени, 4 скока и 2 асистенции.

Кендрик Пери настапуваше за Карпош Соколи, клуб кој веќе не постои, во сезоната 2016/17 и тогаш беше меѓу најзаслужните за триумфот во Купот на Македонија, а тимот играше и во финалето од плејофот каде по голема борба загуби од МЗТ Скопје со 3-2. Гочер го носеше дресот на МЗТ Скопје два месеца на почетокот од сезоната 2020/21 по што замина во малку познат грчки клуб. Во Полска е од оваа сезона и е една од најголемите ѕвезди во шампионатот на оваа земја.