Ц. Звезда го разнесе Монако во Белград, Фенербахче пресилен за Баерн

Белградска Црвена Звезда го разнесе Монако со 92-68 во шоуто во „Пионир“ во кое црвено-белите со 15 тројки и безмалку 50 отстотна ефикасност го наполнија кошот на Французите за да останат близу во трката за плејоф во кошаркарската Евролига.

Белграѓани го одиграа најдобриот меч досега, зашто сѐ функционираше во тимот на Душко Ивановиќ, а кам-бекот на Лука Вилдоза беше еден од клучевите за победа, па Ц. Звезда веќе до полувреме дојде до огромни плус 18 и таа предност немаше шанса да ја прокоцка.

Филип петрушев со 21 поен беше предводник во триумфот, Митровиќ даде 15, Недовиќ 11, а Добриќ 10, додека одличната одбрана го остави само Мајк Џејмс да има добар ефект, па кошаркарот на Монако даде 26 поени и единствен со двоцифрен ефект на паркетот.

Фенербахче го победи Баерн Минхен со 79-71, иако Баварците беа во еден момент буквално прегазени зашто бившиот европски првак имаше и најголеми плус 23 во текот на мечот, но дозволи германскиот гигант да се врати, но најмногу на минус четири.

Џонатан Мотлеј со 22 поени беше предводник, со 17 скока и извонреден индекс на учинок од 38, додека Вилбекин додаде 11 поени, додека кај Баерн, Рубит беше најефикасен со 21 поен.

Ц. Звезда има скор од 10-9, а Фенербахче дојде до 12-7 по 19 рунди во Евролигата.