Анадолу Ефес врза три победи по ред, Монако го расплака Баерн Минхен

Турскиот гигант Анадолу Ефес го доби дербито против Виртус Болоња со 85-80, додека Монако славеше на домашен паркет со 80-79 против Баерн Минхен во 10. коло од кошаркарската Евролига.

Голема битка се водеше во Италија меѓу Виртус и Ефес во првите 10 минути, по што гостинската екипа направи исчекор и создаде предноста која беше недостижна за домаќините (40-34).

Водството продолжи да расте и во вториот дел и достигна +16 за кошаркарите на турскиот состав, но следеше опуштање во последните 10 минути и тоа Виртус го искористи да намали на еден поен разлика (76-77). Сепак, Ефес одигра цврсто во одбраната во последните минути и славеше со 85-80.

Лундберг со 22 поени и две асистенции беше најефикасен кај Виртус, додека на спротивната страна Клејбрн постигна 21 поени, седум скокови и четири асистенции.

Монако и Баерн Минхен одиграа еден од највозбудливите натпревари вечерва, но сепак домаќинот во пеколна завршница успеа да слави со 80-79, а најдобар во триумфот беше Окобо со 16 поени, додека на спротивната страна Обст запиша 18 поени зад своето име.

Останати резултати:

Валенсија – Жалгирис 76-80
Барселона – Басконија 96-84
Панатинаикос – Асвел 77-58