ОФМ донесе одлука: Нема да има одбојка во деновите на жалост!

Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ) објави дека ги одложува сите натпревари кои требаше да се играат наредниот викенд, но и оние дуели кои беа предвидени за во текот на работната недела.

Македонската влада прогласи седумдневна жалост за големата трагедија која се случи во Кочани. А додека таа трае, нема да има одбојка.

„Одбојкарската федерација на Македонија ги одложува натпреварите од редовните кола предвидени за престојниот викенд (22/23 март) во сите натпреварувачки категории, како и заостанатите натпревари коишто требаше да се одиграат во текот на оваа работна недела, во знак на сочувство и солидарност кон семејствата на загинатите и настраданите во трагедијата во Кочани.

Владата на Р.С. Македонија на вчерашната седница донесе одлука за седумдневна жалост на територијата на цела држава по страшната трагедија која се случи во Кочани.

Предвидените натпревари, согласно Календарот за натпреварување, како и заостанатите натпревари ќе се одиграат во средината на следната недела во договор со клубовите“, стои во соопштението на ОФМ.