„Ајде да не гаиме лажни надежи – официјално откажете ги сите лиги и Евролигата!“

Светската кошаркарска легенда Тони Паркер, францускиот ас и долгогодишен кошаркар во НБА им порача на сите во кошаркарскиот свет воопшто да не гаат лани надежи дека сезоната може да продолжи после избувнувањето на пандемијата со коронавирусот и дека треба да се пресече уште сега, па одложените првенства практично официјално да бидат прекинати – сосе Евролигата!

Иако во дел од земјите, националните првенства веќе донесоа одлука за прекин на првенствата и прогласија шампиони, во дел од земјите и понатаму се тактизира со надеж дека кризата брзо ќе стивне, па ако треба и пред празни трибини ќе се доигра сезоната, а најмногу тоа важи за Евролигата. Според Паркер сезонава треба да се поништи, зашто никој не знае до кога ќе трае кризата.

„Сите ќе имаат загуби, не само една лига или еден клуб. После ова што се случува, на клубовите ќе им треба неколку години за да се вратат на здрави нозе. Комплетно сè се менува , целата динамика на спортот, европската кошарка, француската кошарка... Сезоната во Франција нема да продолжи, ние странците ги ослободивме да си бидат со своите семејства. Најважно е секој да биде здрав, а на никој во глава сега не му е до кошарка или до спорт. Јас знам дека сè што треба е да се откаже сè, па и Евролигата. Иако е тоа компликувано, но нема друг излез или избор“, вели Паркер, инаку прв човек на Асвел.