Вторпат во четири дена: Работнички и утрешниот меч од Суперлигата ќе го одигра во Гостивар

Кошаркарите на Работнички втора суперлигашка рунда по ред ќе играат во Гостивар, но овој пат, за разлика од пред неколку дена кога беа во улога на домаќини надвор од својот дом, ќе настапат како гости против истоимениот домашен тим кој е во налет бркајќи зацврстување на третата позиција на табелата.

Средбата е закажана за утре во салата „Младост“ (19 часот) и се очекува до крај исполнети трибини, со оглед што на гостиварци им доаѓа екипата која во момент е актуелен првак и освојувач на Купот. Центарци влегуваат како фаворит, иако во ниту еден момент не смее да се потцени составот предводен од тренерот Марјан Србиноски, кој и тоа како има што да каже во овој дуел. Голем пех за гостиварци е отсуството на Бојан Трајковски, кој поради повреда на коленото најверојатно веќе ја заврши сезоната.

Утре, половина час претходно, во Гевгелија ќе се одигра и градското дерби помеѓу Блокотехна и Кожув (18.30 часот), кое секогаш носи посебни возбудувања со оглед на големиот локален ривалитет. Ова ќе биде седми дуел на овие два тима, а куриозитет е што Блокотехна победи во сите претходни меѓусебни пресметки.

Третото коло од Суперлигата ќе се заокружи задутре, кога Куманово ќе го пречека МЗТ Скопје (18 часот), кој денеска има сериозна обврска во вториот меч од бараж-серијата против Задар за влез во АБА-лигата.