Ужас во Скопје: Кошаркари, тренери и навивачи од ист тим се испотепале среде меч – помеѓу себе (ФОТО)

Кога помисливме дека во македонската кошарка не може да се случи нешто што би делувало шокантно во јавноста доаѓа информација за циркусот на третолигашкиот дуел помеѓу Спарта и Албес, кој не се доиграл поради општа тепачка на кошаркарите, тренерите и навивачите на гостинскиот тим и тоа – меѓу себе.

Ваква бурлеска досега не е видена во макбаскетот од осамостојувањето на државата, а сигурно не и од првиот момент кога кошаркарската топка „слетала“ на нашата територија. Хаосот почнал во втората четвртина, кога играчот Крбалевски промашил две слободни фрлања, што го налутило неговиот тренер, Фитим Круези. На првиот следен тајмаут дошло до вербална кавга помеѓу двајцата и бркање на кошаркарот, по што на патот кон соблекувалната дошло до тепачка во која се вклучили и останатите членови на Албес, како и навивачи, роднини и пријатели на овој тим кои се спуштиле од трибините.

Дополнително била повикана полиција која реагирала според Законот за спречување насилство на спортските терени, по што кошаркарите на овој третолигаш си се облекле и одбиле да го доиграат мечот, поради што тој е регистриран со службена победа за Спарта. Ова е втор службен пораз за Албес, кој поради тоа е исклучен од Третата лига, а тренерот Круези е казнет со 12-месечна суспензија.