Тони Симиќ и Чековски ќе ја враќаат старата слава на Работнички!

Екипата на Работнички со 15 титули сѐ уште е убедливо најтрофејна во македонската кошарка, но во последните 15 години освоен е само еден шампионски трофеј, што беше знак за управата дека нешто не е како што треба, па откако вчера управата најави нова стратегија, денеска почна и со нејзината реализација.

Нов тренер на центарци ќе биде еден од најтрофејните македонски кошаркари, Тони Симиќ, кој изминатава сезона работеше како тренер на второлигашот од Македонска Каменица, а кој претходно беше дел од младинската школа на црвено-белите од „Градски парк“.

„Точно е дека вчера се договоривме да ја преземам функцијата шеф на стручниот штаб на Работнички. Во пакет со мене, како спортски директор, доаѓа и Ѓорѓи Чековски, со кого ќе работиме заедно и ќе се обидеме да го вратиме сјајот на овој голем клуб. Уште немам прецизирано детали, а во следниот период ќе ја обелодениме нашата стратегија за следниот период. Верувам во овој проект, со тимот каде што минав многу години и освоив многу трофеи и сигурен сум дека ќе го кренеме на нозе, кон височините кои ги заслужува“, ни изјави Симиќ.

За Чековски ова ќе биде прва функција по завршувањето на кариерата токму во дресот на Работнички пред две години. Тој ќе се грижи за организацискиот дел, со цел одлично да функционира не само првиот тим туку и младинската школа. По долго години од следната сезона Марин Докузовски нема да биде во клубот, иако вчера беше кажано дека има уште една година од договорот.