„Скандалозно отворање на 'новиот' Градски парк – децата злоупотребени, легендите игнорирани!“

Навивачката група Сити Парк Бојс остро реагираше на денешното, како што го нарекуваат, „таинствено и конспиративно“ отворање на реновираната спортска сала „Градски парк“, обвинувајќи ги градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски и општинските власти за сериозни безбедносни пропусти и политичка злоупотреба на деца.

Според нивното соопштение, салата била пуштена во употреба без технички прием и без соодветен безбедносен протокол, додека во објектот имало голем број деца од основните училишта во Општина Центар. Од навивачката група наведуваат дека во исто време околу салата сè уште се изведувале градежни работи, што, според нив, претставувало сериозен ризик по безбедноста.

„Децата беа донесени да бидат декор во тотално небезбедна средина, без присуство на полиција, итна помош или редарска служба“, се вели во реакцијата на Сити Парк Бојс, кои повикуваат родителите да побараат одговорност од директорите и наставниот кадар за учеството на учениците на настанот.

Реновираната сала „Градски парк“, треба официјално да биде отворена в петок со натпреварот меѓу Македонија и Луксембург (18 часот) во претквалификациите за ЕП 2029 година. Денешната свеченост ја организираше градоначалникот на Центар, кој во одбрано друштво го пушти објектот во употреба. На церемонијата, покрај децата, присуствуваа и поранешни кошаркари на црвено-белите. Настанот беше проследен со низа контроверзии. Не беа поканети актуелните кошаркари на Работнички и стручниот штаб, ниту, пак, дел од најзаслужните имиња во историјата на клубот. Меѓу отсутните беа Јорданчо Давитков и Марин Докузовски, со чии имиња се поврзани најголем дел од клупските титули, како и други кошаркари од генерацијата што во 1990-тите години го одбележа златниот период на центарци.

Сити Парк Бојс реагираат и на фактот што на отворањето немало новинари од спортските редакции и фоторепортери, како и на, според нив, нејасната организација на самиот настан. Во соопштението тие поставуваат и прашање зошто салата сè уште не го носи името на Лазар Лечиќ, иако претходно било најавено дека објектот ќе биде именуван по доајенот на македонската кошарка. Од навивачката група најавуваат дека очекуваат реакција од надлежните институции, кои, како што велат, не смеат повторно да останат неми на вакви случувања.

Општина Центар засега нема официјална реакција на обвинувањата.