Кошаркарите на МЗТ Скопје останаа без шанса да се надеваат на едно од првите две места на табелата пред плејофот, откако вечерва, неочекувано, загубија во пресметката на домашен терен со Куманово (76-83).

Кумановци одиграа фантастично второ полувреме (51-37), а особено беа шутерски расположени во последната четвртина во која постигнаа дури пет тројки, со кои не само што ја достигнаа предноста на противникот, туку постојано ја имаа резултатската иницијатива. „Металците“ ќе жалат за пропуштената шанса со оглед што беа во водство речиси 30 минути, а последната шанса за приклучок ја имаа на почетокот од последната минута (73-76), кога во еден напад промашија три шута за тројка (Тарнер, Стојановски и Олуџоби) со кои ќе го изедначија резултатот.

Стојановски со 16 и Адем Мекиќ со 13 поени беа најпрецизни кај МЗТ, додека Отис Ливингство со 20 поени и 11 асистенции и Александар Андрејевиќ со 17 поени беа најефикасни кај Куманово, првпат, по петгодишна пауза, го победуваат големиот ривал на негов терен во скопски Аеродром. Сино-белите не ја искористија подобрата скок-игра (36-28), делумно поради големиот број загубени топки (18) и лошиот шут за тројка (7/25).

МЗТ Скопје сега има скор 14-7 и со победа во последниот меч од регуларниот дел од сезоната, задутре во Струга против последнипласираниот Црн Дрим ќе го обезбеди третото место на табелата. На првите две ќе се најдат Пелистер и Работнички, кои утре ќе го одиграат меѓусебниот меч.