Се укинува загарантираната минутажа за Македонците и ќе се зголеми бројот на странци!?

Пред домашните кошаркари доаѓа период во кој со далеку повеќе пот и труд на тренинзите ќе треба да се борат со странците за минутажа во своите екипи, откако од Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) доаѓаат најави за укинување на правилото за задолжителен настап на двајца Македонци во секое време за натпреварите од регуларниот дел од сезоната, како и во четврт-финалето од плејофот и Купот.

Македонија е можеби единствена држава во Европа, а сигурно и пошироко која во актите има член за давање приоритет и надвор од терен предност за одредена група кошаркари, нешто што беше донесено во 2018 година, а кое не донесе ама баш никаков резултат. Првично мораше да има тројца македонски играчи во секое време на паркетот, за пред три години тоа да се намали на двајца. Но, ваквото правило наместо да придонесе за кревање на квалитетот на домашниот кадар донесе само кревање на нивните цени на пазарот, со оглед што клубовите беа приморани да имаат поголем број Македонци во тимовите.

Па така, речиси преку ноќ и без тоа да го заслужат на терен, македонските кошаркари кои ретко добиваа шанса со својот квалитет, поради правилото дојдоа до вртоглави цени налик на тие кои претходно беа загарантирани за носителите на игра и тоа од странство. Доказ за сето ова е и статистиката по регуларниот дел од годинешното првенство која покажува дека девет и првите десет стрелци се странци, а единствениот Македонец е ветеранот Бојан Трајковски. Нешто „подобра“ е ситуацијата во скок-играта, каде што „само“ седум од десетте најдобри не се од нашата држава.

Токму и зголемувањето на бројот интернационалци кои секој прволигаш ќе може да го регистрира е во плановите за размислување на луѓето од КФМ претстојново лето и тоа од четворица колку што сега е дозволено на – петмина. Со тоа би се зголемила конкуренцијата во екипите, што воедно би требало да биде и есктра мотив за младите македонски кошаркари да не се „успиваат“ поради загарантираната минутажа што ја имаат сега, туку да почнат да тренираат понапорно и местото на паркетот да го изборат со квалитет, а не поради некое правило.

Ова се работи дефинирани во Регистрацискиот правилник, што значи дека укинувањето на загаранатираната минутажа и зголемување на бројот странци ќе мора да биде донесено на Собранието на КФМ. И ова е една од работите за кои се размислува во иднина да се промени, бидејќи за судбината на клубовите кои даваат најмногу пари ќе решаваат тимови кои играат во Втората и во Третата лига, како и тие од женска конкуренција, нешто што е надвор од секоја логика.