Самарџиев: За нас самото играње во финале беше како да сме станале шампиони!

Кошаркарите на Еуро Никел можеби не дојдоа до ниту една победа во финалната плејоф-серија против МЗТ Скопје, но апсолутно никој не може да каже дека лесно се предадоа, со оглед на жестокиот отпор што го пружија буквално на сите три натпревари.

Тренерот Горан Самарџиев го извади максимумот од тимот полн со ветерани, кој претходно се прошета во сериите против Гостивар и Работнички, кои ги мина без ниту еден загубен меч. Овој пат, кавадарчани немаа сили против составот од Аеродром, но тоа нема да ги откаже да продолжат со уште понапорна работи.

„Заслужено стигнавме до финале, што и го потврдивме на паркетот. Сигурно немаше да биде незаслужено ако добиевме некој меч во финалето, но пресуди подолгата клупа на противникот. Тешко е кога ќе загубиш, но спортски е да се прифатат поразите. За мене е најважно што игравме добра кошарка. Создадовме тим кој го красеше другарството и хемијата, игравме како еден. Се надевам дека ќе продолжиме во ист стил. За нас самото играње во финале е како да сме станале шампиони, бидејќи првичната амбиција ни беше да влеземе во Суперлигата, а потоа и меѓу четирите најдобри“, изјави Самарџиев.