Рокада во МЗТ: Мекиќ во Романија, на негово место - Американец од Франција!

Еден ден по убедливиот пораз на домашен терен од Црвена звезда (57-80), во таборот на МЗТ Скопје е официјализирана најавената промена во ростерот, во кој повеќе ќе го нема Адем Мекиќ, а чие место ќе биде пополнето со засилување од САД.

Македонскиот репрезентативец својот играчки опус ќе го продолжи во романскиот тим Темишвар, што ќе биде негов прв обид за интернационална кариера, со оглед што досега освен за МЗТ настапуваше за Вардар, Куманово и Пелистер.

„Мекиќ е кошаркар 'израснат' во нашиот клуб, со кој дојде до пет шампиони титули и три трофеи во Купот на Македонија, поради што му излеговме во пресрет и му посакавме среќа во обидот да ја почне интернационалната кариера“, напишаа од таборот на „металците“.

Неговото место во ростерот на македонскиот шампион ќе го пополни Американецот Кеандре Кук (25 год, 196 см), кој потпишал договор до крајот на сезоната. Станува збор за бек-шутер, чие најсилно оружје се ударите за три поени, а кој доаѓа од францускиот прволигаш АДА Блус. Во ЛНБ-лигата одиграл 15 средби со просек од девет поени, 40-отстотна прецизност за тројка и 3,1 скока. Претходно, во НЦАА-лигата, Кук во последната сезона за Мисури стејт универзитетот просечно реализирал по 14,9 поени и 4,6 скокови.

Според најавите на тренерот Драган Николиќ, аеродромци наскоро ќе се засилат и со уште еден кошаркар и тоа на центарската линија.