Работнички утре ќе ја промовира новата стратегија за враќање на – стариот сјај!

Зад екипата на Работнички е неуспешна сезона, без ниту еден трофеј, со пласман само во финалето од Купот на Македонија и со потпросечно деби во АБА2-лигата, поради што управата на клубот процени дека потребно да се направија нова стратегија која утре ќе биде промовирана.

Отчет пред јавноста, а воедно и промоција на новите планови ќе дадат Саша Богдановиќ, првиот човек на општина Центар, која е целосен сопственик на клубот и Ристо Гапиќ, претседателот на црвено-белите од „Градски парк“. Засега нема официјални најави за тоа што ќе биде обелоденето на прес-конференцијата, а во кошаркарските кругови се шпекулира со повеќе работи. Најмногу се споменува менување на курсот и вртењето кон младите домашни играчи, односно обидот да се преслика моделот на МЗТ Скопје со формирање силен втор тим, кој во догледно време би дошол и до елитата.

Исто така, се споменува и можната промоција на наследникот на Димитар Мираковски на клупата на црвено-белите и тоа со звучно име. Не е тајна дека најголема желба на градоначалникот Богдановиќ е на клупата да седне Емил Рајковиќ, зад кого се три фантастични сезони во Астана, од каде што си замина поради желбата да работи поблиску до Македонија. Прашање е дали ќе успее во настојувањата, со оглед што поранешниот селектор на македонската младинска репрезентација е исклучително ценет и баран на европскиот пазар, особено по признанието за тренер на годината во ВТБ-лигата пред две сезони.

Ако во тоа не успее, кандидати со најголеми шанси за преземање на Работнички се Јорданчо Давитков и Марјан Србиновски, а се споменува дури и името на некогашниот тренер на МЗТ Скопје, Боби Митев. Од играчкиот кадар, пак, во моментов ниту еден кошаркар нема договорна обврска со Работнички, освен помладите кои сезонава го пополнуваа ростерот.