Работнички лани инкасирал 600.000 евра помалку од 2024 година и заврши во – дебел минус!
Центарци минатата година ја завршиле со неверојатна загуба од 325.000 евра што се должи на драстично намалените приходи, какви што тешко дека досега се видени во макбаскетот. Составот од „Градски парк“ лани од спонзори, сопственикот општина Центар и од државата добила „само“ 400.000 евра (24,3 милиони денари) што е за неверојатни 600.000 евра помалку во однос на 2024 година во која на сметката им „легнаа“ 60,6 милиони денари. Ваквите бројки само ги демистифицираат проблемите низ кои минуваа црвено-белите и константните блокади од ФИБА поради тужби од поранешни странски кошаркари поради неисплатени плати.

Кошаркарите повеќе пати се закануваа со штрајк, навивачите подолг период се во војна со управата на клубот, а кулминација на проблемите беше хаосот со т.н. отворање на реновираната сала „Градски парк“ на кое не беа викнати членовите на клубот. Работнички на три кола пред крајот на регуларниот дел е на 9. позиција на табелата и без речиси никакви шанси за пласман во плејоф-фазата. Со оглед што сезонава испаѓаат три тима, пред центарци е пеколен период во кој треба да сторат натчовечки напори за да го избегнат најстрашното, а за што има и тоа како реални шанси.