Иран побара од ФИФА средбите на СП 2026 да ги игра надвор од САД!

Иран започна преговори со ФИФА за своите натпревари на Светското првенство да ги игра надвор од САД, по контроверзните изјави на Доналд Трамп, кои отворија сериозни безбедносни дилеми околу учеството на репрезентацијата.

Иранското дипломатско претставништво во Мексико соопшти дека нивниот фудбалски сојуз сака натпреварите да се одиграат токму во таа земја. Сепак, според информациите, ФИФА не е наклонета кон промени на домаќинствата на помалку од 100 дена пред стартот на турнирот. Тензиите дополнително се зголемија по конфликтите со САД и Израел, а Трамп јавно порача дека иранската репрезентација е „добредојдена“, но изрази сомнеж околу нивната безбедност. Ова предизвика брза реакција од Техеран.

Претседателот на Иранскиот фудбалски сојуз, Мехди Таж, изјави дека тимот нема да патува во САД доколку безбедноста не може да биде гарантирана.

„Во моментов преговараме со ФИФА за натпреварите да се играат во Мексико“, потенцираше тој.

Претходно, и министерот за спорт Ахмад Дониамал најави можен бојкот на турнирот, наведувајќи дека „не постојат услови“ за учество по ескалацијата на конфликтот и жртвите во регионот. Иран според распоредот треба да игра против Нов Зеланд, Белгија и Египет на западниот брег на САД, со натпревари планирани во Лос Анџелес и Сиетл. Иако домаќини на Мундијалот се САД, Мексико и Канада, најголемиот дел од средбите се играат на американска територија.

Евентуално повлекување на Иран би било преседан во модерната историја на натпреварувањето и сериозен предизвик за ФИФА во пронаоѓање замена.

ФОТО: EPA PHOTO