Работнички го прозва МЗТ: Работите не се решаваат со мускули, туку со мозок!

Кошаркарската војна со соопштенија продолжи и вечерва, откако најтрофејниот Работнички реши да ги искаже своите ставови околу прекинот на првенството без да се прогласи шампион, што е спротивно од барањата на нивниот најголем ривал, МЗТ Скопје.

Аеродромци сметаа дека треба да бидат прогласени за прваци поради првото место на табелата во моментот на прекин поради пандемијата со коронавирусот и тоа со две победи повеќе во однос на најблиските конкуренти. Реакцијата на центарци во целост е насочена кон тимот од „Јане Сандански“ и тоа со остра и на моменти навредувачка реторика.

Соопштението ви го пренесуваме во целост.

„Изминатите неколку недели се изначитавме и изнаслушавме разни реакции од нашиот вечен ривал, како некој на нив им ја одземал титулата. Прво сакаа да бидат прогласени за шампиони со 45-50% одиграно првенство и само 1 поен пред нашиот Работнички, потоа кога најголемиот број од клубовите беа против и со укажување дека титула се добива на терен а не во канцеларија.

Потоа добивме нов предлог да се доиграло првенството само со домашни играчи. И сега очигледно изгледа дека сите останати клубови кошаркарски па и останатите од ракомет, фудбал, одбојка итн. во нашата држава а и секаде низ свет решиле заради пандемијата да ги прекинат спортските настани а и во најголем дел да донесат одлука иста како што донесе КФСМ, да заврши првенството без победник со постоечката табела и без испаѓање.

Но, за почитуваните од МЗТ и тоа не беше доволно, па почнаа со лични навреди што преку навивачи, преку социјални медиуми и квази соопштенија каде и имавте разни навреди:

-ќебап

-навреди на национална основа

-златар

-дебел

-ќељав

-неписмени градоначалници

-свиња итн

Решивме да им поставиме неколку прашања:

1. Како ќе се игра кошарка кога има забрана за собирање во група не поголема од 5 луѓе?

2. Како ќе се држи растојание од два метра?

3. Дали играчите за да ги почитуваат мерките ќе треба да играат со маски и ракавици?

4. Што ќе се случи ако еден играч зарази цела екипа од ковид 19 и со тоа бидат ставени во карантин, дали истите ќе се дисквалификуваат?

Почитувани господа од МЗТ ( ние сме урбани луѓе и не користиме примитивизми како гореспоменатите) ви порачуваме на вас и пред се на вашиот директор дека работите не се решаваат на мускули, него некогаш треба да се вклучи и мозокот! А сите што најавуваат разни војни и употребуваат закани, нека не не смеат, од сите војни секогаш сме излегувале посилни“, се вели во соопштението од „Градски парк“.

Покрај фактот што ќе нема шампион, од Првата лига нема да има испаѓање, а двете најдобри второлигашки екипи ќе ја прошират елитата за следната сезона.