Работнички едвај спречи сензација, Пелистер ептен моќен во Кисела Вода (ФОТО)

Кошаркарите на Работнички вторпат по ред слават во новата сезона, но овој пат ептен се намачија за да дојдат до посакуваните бодови во дуелот со Феникс (94-90), во драматичен меч со едно продолжение.

Дебитантот во елитата беше на чекор до сензација, со оглед што прво се врати по огромната негатива од 17 поени (29-46) пред крајот на првото полувреме, а потоа што имаше напад за победа во регуларниот дел, како и за второ продолжение во екстра периодот. Но, во двата наврати трагичар беше репрезентативецот Андреј Митревски, кој во првиот обид промаши, а во вториот направи прекршок во напад, за пропуштена голема шанса на неговиот тим за втор триумф по ред во првата сезона во Првата лига.

Центарци воопшто не блескаа, иако во најголемиот дел од средбата беа во водство и тоа со двоцифрена разлика, но неочекувано се доведоа до ситуација да можат и да загубат. Но, поголемото искуство дојде до израз во клучните моменти, па тренерот Тони Симиќ ја прослави и вториот триумф по седнувањето на клупата на црвено-белите. Емерсон Џексон со 18 поени и 10 асистенции беше најдобар кај Работнички, каде што одлично одигра и Недим Мустафица со 16 поени, додека Митревски со 26 поени беше најефикасен кај Феникс.

До втор триумф во новата сезона дојде и еден од претендентите за титулата, тимот на Пелистер, кој убедливо ја совлада Академија ФМП (89-66). Битолчани одиграа моќно во првата и последната четвртина, кои ги добија со 54-20, што беше доволен показател за разликата во квалитет.

Претходно денеска, ТФТ со сензационален пресврт го совлада Еуро Никел (85-71), а Гостивар беше подобар од Куманово (85-72). Завчера, МЗТ Скопје ги освои бодовите во дуелот со Кожув (88-71), додека втората прволигашка рунда ќе се заокружу утре со дуелот помеѓу Ангели и МЗТ Скопје УНИ Банка.

ФОТО: КФСМ