Работнички ангажира трет Американец - расен стрелец кој им го полнеше кошот во минатото!

Фактот што беа тивки во делот на ангажирање домашни кошаркари, челниците на Работнички го надополнуваат со потпишување американски засилувања, откако денеска го официјализираа и третото ново име од САД во пресрет на новата сезона.

Станува збор за поранешниот играч на Блокотехна, Двејн Бенџамин (26 год, 201 см), со кого имаа големи проблеми пред две сезони кога тој беше еден од најдобрите странци во македонското првенство. Крилниот кошаркар беше најдобар стрелец на гевгеличани со просек од 18,2 поени и 5,5 скока, а секогаш беше посебно инспириран во дуелите против тимот од Центар за кој ќе настапува во иднина. Таа сезона беше избран и за најкорисен играч во Балканската лига (БИБЛ), каде што имаше просек од 19,2 поени и 6,1 скока.

Бенџамин им се придружува на сонародниците Крис Кокли и Хејден Лесколт, кои веќе потпишаа договори со тимот кој во новата сезона ќе биде предводен од Димитар Мираковски. Од домашниот кадар, тренерот-дебитант на располагање ќе ги има Кирил Николовски, Горан Главчев, Виктор Ефремовски, Стеван Глигоријевиќ, Теодор Петров и Стефан Младеновиќ.

Работнички во новиот шампионат влегува како вицешампион, откако пред три месеци загуби во плејоф-финалето против МЗТ Скопје со 0-3.