Жална слика во „Градски парк“: Работнички и МЗТ играа само за новинари и редари!

Кошаркарите на Работнички и на МЗТ Скопје почнаа да го одработуваат задолжителното полчасовно загревање иако пред нив е меч кој ќе трае само 13 минута (ако нема продолжение), со оглед што станува збор само за продолжување на вчера прекинато вечно дерби кое сега ќе се игра пред празни трибини.

Лицата на сите во двата табори се речиси камени, насмевка речиси и да не може да се види, а чкрипењето на патиките е единствениот звук што се слуша на паркетот. Расположението е еднакво на нула, делумно поради разочарувањето од синоќешните настани, но и од фактот што освен новинарите и редарите (заедно се вкупно 15) никој нема да биде сведок на оваа нивна пресметка. Болката е уште поголема поради немањето директен телевизиски пренос од вториот дел од ова вечно дерби.

Вчерашната средба беше прекината поради константно плукање од трибините и покрај трите јавни опомени, при што прво беше наредено отстранување само на навивачите на МЗТ, за потоа одлуката да биде променета со доигрување по 24 часа. Работнички води со 62-50 во 27. минута, а патот кон победата денеска ќе им биде и олеснет.

Причина за тоа е повредата на центарот на аеродромци, Јуре Лалиќ, кој доби незгоден удар во бутниот мускул по еден дуел со Ѓорѓи Чековски во финишот од синоќешниот прв дел од вечното дерби.