Веќе нема попуст: Во кошаркарската елита ќе играат само – акционерски друштва!

Членовите на Управниот одбор (УО) на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) на состанокот одржан минатиот петок ја укинаа нееднаквоста меѓу прволигашите, односно ги направија сите членови на елитата еднакви пред – законот.

Од следната сезона, Првата лига се враќа како највисок ранг на натпреварување во кошаркарската елита, наместо Суперлигата како што беше во изминативе години како своевиден начин да се избегне пререгистрација на екипите без амбиции за највисок пласман од Здруженија на граѓани во акционерски друштва (АД). Фактот што минаа десетина години од донесувањето на овој закон најверојатно е причината за решението за изедначување на сите тимови, бидејќи воопшто не се исти трошоците и обврските на здруженијата на и клубовите кои се АД, со што се правеше одреден јаз помеѓу прволигашите.

Од екипите со право на настап во елитата за сезоната 2022/23, само Академија ФМП и новаците Чаир 2030 и Струмица не се пререгистрирани односно во моментов не можат да играат во Првата лига. Според последната одлука на УО на КФМ, овие три екипи ќе мора до 15 август да достават доказ за почната процедура за пререгистрација, а најдоцна до 1 септември дека таа е завршена. Во случај некој од овие три тима нема желба или, пак, не успее да го исполни барањето на „одборниците“, тогаш правото за пополнување на елитата го имаат трето и четвртопласираните второлигашки екипи, Вардар и Шкупи, но со истата обврска ако бидат пререгистрирани во АД.

Членот за пререгистрација на клубовите од највисоките степени за натпреварување во фудбал, кошарка, ракомет и одбојка во Законот за спорт беше имплементиран во февруари 2011 година. Неколку месеци подоцна, во кошарката беше направен компромис да се направи Суперлигата да биде највисок степен, со цел во Првата лига да играат клубови што не се АД, какви што тогаш имаше речиси половина лига и првенството доцнеше бидејќи претседателот на КФМ се соочуваше со затворска казна ако дозволеше играње на не пререгистрирани екипи во елитата.