Поранешен српски репрезентативец ќе ја подобрува „крвната слика“ на МЗТ Скопје!
Станува збор за силно крило кое по потреба знае да игра и како центар и кој треба да им биде од помош на високите играчи во таборот на „металците“ во борбата под кошевите, каде што најчесто имаат сериозен дефицит во бројот на скокови. Мајсторовиќ минатата сезона настапуваше за Партизан, а претходно има играно за Металац од Ваљево, словенечки Хелиос и за Смедерево.
Неговото репрезентативно искуство се сведува на настапите за српската селекција на Универзијадата во Казањ (Русија) и на Медитеранските игри во Мерсин (Турција) во 2013 година. Неговото деби може да се очекува в петок на мечот против Куманово во рамки на домашната Прва лига на кој МЗТ Скопје ќе биде во улога на домаќин.
Доведувањето на Мајсторовиќ е уште еден од низата обиди на тренерот Александар Тодоров да ја разбуди екипата, која е во сериозна криза со оглед на низата од четири порази по ред од кои три се во АБА-лигата и еден во домашното првенство. Чекор во тој правец е и најавата за уште едно засилување кое треба набрзо да дојде во „Јане Сандански“, а тоа е црногорскиот репрезентативец Никола Павличевиќ, кој игра на плејмејкерската позиција.