Петровиќ: Хемијата во тимот ни ја донесе посакуваната титула!

Александар Петровиќ, конечно, успеа да дојде до тоа што не му успеа во претходните два мандати кои траеја речиси цела деценија, освои трофеј со МЗТ Скопје, но и во кариерата, откако неговиот тим вечерва го совлада Пелистер (102-93) и со 3-1 славеше во финалната плејоф-серија.

Искусниот стратег по средбата ги анализира случувањата на паркетот, но и на сите случувања кои претходеа на крајната радост.

„Прво би сакал да му честитам на Пелистер и на битолската публика, за фер и коректното финале. Со овој ривал победивме во пет од последните шест натпревари и мислам дека сосема заслужено ја освоивме титулата. Момците знаеја да играат кошарка и пред да дојдам јас тука, но откако пристигнав само договоривме некои дополнителни детали. Се направи хемија во тимот, а успеавме и да ја кренеме формата во финишот на сезоната кога беше најпотребно“, изјави Петровиќ.

МЗТ сезонава дојде до два домашни трофеи, во првенството и Суперкупот, а загуби во финалето од Купот на Македонија, додека најзначајниот успех на аеродромци е обезбеденото враќање во АБА-лигата.